Топ-100
Back

ⓘ Хебрејски јазик - семитски јазик, дел од подгрупата на канански јазици од поголемата група на северозападни семитски јазици. Јазикот е матичен и национален јази ..




                                               

Грчки броеви

Грчките броеви, исто така познати како јонски, милезиски или александриски броеви, се броен систем со употреба на буквите од грчката азбука. Во современа Грција, тие сè уште се користат за редни броеви и во контексти слични на оние во кои римските броеви сè уште се користат на други места на Запад. За воообичаени кардинални броеви, сепак, Грција користи индиско-арапски броеви.

Хебрејски јазик
                                     

ⓘ Хебрејски јазик

Хебрејски јазик - семитски јазик, дел од подгрупата на канански јазици од поголемата група на северозападни семитски јазици. Јазикот е матичен и национален јазик на Израел и истиот го зборуваат околу 10 милиони луѓе во светот. Историски, за хебрејскиот се смета дека е јазикот на Израелитите и нивните потомци, иако самиот јазик не се именува како "хебрејски" во Танах. Најраните примери за пишан палеохебрејски датираат од 10 век п.н.е. Денес, хебрејскиот е единствен жив јазик од групата на канански јазици, а воедно и единствен вистински успешен пример за јазично оживување.

Хебрејскиот престанал да биде средство за секојдневно општење некаде во периодот од 200 до 400 година, особено по катастрофалните последици од Востанието на Бар Коха. Во тој период како меѓународен јазик се појавил арамејскиот, особени меѓу елитната класа и имигрантите. Во Средновековието јазикот опстојал како јазик на еврејската литургија, рабинската книжевност, меѓуеврејска трговија и еврејската поезија. Почетокот на јазичното оживување на хебрејскиот бил во 19 век, кога хебрејскиот полека започнал да станува говорен и пишан јазик меѓу Евреите. Јазикот станал "лингва франка" на палестинските Евреи, а како последица на тоа и на денешен Израел.

Современиот хебрејски јазик е службен јазик на државата Израел. Јазикот е втор јазик на Арапите во Израел, а истиот го изучуваат и Евреи кои живеат надвор од Израел, но и археолози и јазичари кои се специјализираат за студии за Блискиот Исток. Хебрејскиот јазик е јазик на Еврејската Библија и Стариот завет и поради тоа Евреите го именуваат јазикот и како "свет јазик".

                                     

1. Потекло на поимот

Современиот збор "хебрејски" или "хибру" потекнува од зборот "иври" еднина ivri, множина ivrim, кое е едно од неколкуте имиња за Израелитите Евреи и Самариќани. Традиционално, се смета дека зборот е придавка која е заснована на претпоставениот претходник на Абрахам, Ебер "Евер" עבר на хебрејски. Ова име можно е да се заснова на коренот /ʕ-b-r/ עבר што значи "да преминеш". Ова традиционално се поврзува со преминот на Еуфрат. Во Библијата јазикот се нарекува "јудејски" "јехудит", יהודית по Кралството Јуда. Во стандардниот македонски се користи поимот "хебрејски", а разговорно и "иврит", "еврејски" и погрешното "израелски". Во македонскиот превод на Библијата се користи и јудејски.

                                     

2. Историја

Според класификацијата, хебрејскиот е дел од кананските јазици, кои пак се дел од северозападните семитски јазици од големото семејство на семитски јазици.

Според Аврахам Бен Јосеф, хебрејскиот јазик се воздигнал како секојдневен јазик на широките маси во Израелското Кралство и во Јудејското Кралство во периодот од 1200 до 586 година п.н.е. Помеѓу научниците се развила дебата за тоа до кој степен хебрејскиот бил секојдневен јазик на општење во древните времиња по Вавилонскиот егзил, кога во тој период доминантен меѓународен јазик бил староарамејскиот.

Во доцниот древен период хебрејскиот исчезнал како секојдневен јазик на општење, но продолжил да биде употребуван како книжевен јазик на јудаизмот. Во тој период се развиле различни писмени форми на јазикот, па така овој период започнува со средновековниот хебрејски па сè до неговото повторно оживувањето како секојдневен јазик на општење во доцниот 19 век.

                                     

2.1. Историја Најрани хебрејски записи

Во јули 2008 година израелскиот археолог Јосеф Гарфинкел открил керамички остатоци во Кирбет Кејафа, за кои тврдел дека се најстарите записи на хебрејскиот, кои пак ги датира на старост од 3000 години. Археологот Амихај Мазар од Хебрејскиот Универзитет изјавил дека записите се "праканански", но предупредил дека "разликите помеѓу писмото, и помеѓу самите јазици во тој период остануваат нејасни" и додал дека да се именува тој натпис како "хебрејски" е преголем залак.

Гезерскиот календар исто така датира од 10 век п.н.е., од почетокот на "монархискиот период", традиционално име на периодот од владеењето на кралевите Давид и Соломон. Натписот на календарот се класифицирал како архаичен библиски хебрејски јазик и тој всушност претставува список на сезонски и поврзани земјоделски активности. Календарот, кој е именуван според градот каде е пронајден, е испишан на старосемитско писмо, слично на феникиското и истиот нема употреба на самогласки.

Бројни постари табли се пронајдени во регионот со слични писма напишани на други семитски јазици. Се верува дека оригиналниот извор на ова писмо е египетското хиероглифско писмо. Фонетските вредности се зададени според акрофонските принципи. Заедничкиот предок на хебрејскиот и феникискиот се нарекува канански и тој бил првиот кој користел семитско писмо различно од египетското. Еден древен документ за хебрејскиот е Моапскиот камен, како и Силоамскиот натпис, кој е пронајден во близина на Ерусалим. Понатака, значаен за развојот на хебрејскиот и историјата на раниот развој на јазикот се и остраконите кои се пронајдени во близина на Лахиш кои пак даваат објаснување за настаните поврзани со последното заземање на Ерусалим од страна на Вавилон во 586 п.н.е.



                                     

2.2. Историја Библиски хебрејски

Класичниот хебрејски јазик, или попознат како библиски хебрејски јазик, во поширока смисла на зборот бил во својот подем од 10 век п.н.е. до 4 век. Самиот поим "библиски хебрејски" опфаќа неколку значајни и меѓусебно совпадливи дијалекти. Така, етапниот развој на јазикот, односно неговите фази се именувани според одредени значајни книжевни дела:

  • израелски библиски јазик - предложен дијалект на библискиот хебрејски јазик.
  • архаичен библиски хебрејски јазик - развојниот период на хебрејскиот од 10 до 6 век п.н.е., кој патем се совпаѓа со т.н. "монархиски период" Јудејското Царство и Израелското Царство па сè до Вавилонското ропство. Овој период се создале одредени дела од Еврејската Библија, Танах, особено Мојсеевата песна и Деборината песна. Овој период исто така се именува и како старохебрејски или палеохебрејски и се запишувал на палеохебрејско писмо. Од ова писмо произлегло самарјанското писмо, кое и денес се користи.
  • доцен библиски хебрејски јазик - развојниот период на јазикот од 5 до 3 век п.н.е. Овој период се совпаѓа со персискиот период и е претставен со помал број дела од Еврејската Библија, како што се книгите според Езра и Нехемија. Воглавно овој период е скоро ист со библискиот период, само што на пример во овој период се забележуваат странски зборови од законодавната сфера поради влијанието на помоќните држави. Покрај тоа, во овој период се користи претставката "ше-" наместо "ашер" кој, кое. Во овој период се прифатило арамејското писмо како осново писмо за пишување на јазикот, што како директна последица го имаме денешното современо хебрејско писмо.
  • библиски хебрејски јазик - развојниот период на јазикот од 8 до 6 век п.н.е., кој пак се совпаѓа со доцниот монархиски период. За време на овој период бил напишан поголем дел од содржината на Еврејската Библија. Формата на јазикот е зачувана и денес во светите дела на јудаизмот. Оваа фаза на јазикот е позната и како ран библиски хебрејски, класичен библиски хебрејски или само класичен хебрејски.

По т.н. библиски период на хебрејскиот јазик, јазичарите опишуваат уште два "пост-библиски" периоди:

  • хебрејскиот јазик од Свитоците од Мртвото Море - според јазичните описи овој период е од 3 век п.н.е. па до 1 век. Овој период се совпаѓа со хеленскиот и римскиот период, пред разрушувањето на Храмот во Ерусалим. Кумрановите свитоци се претставници на овој период, кои пак се составен дел од Свитоците од Мртвото Море. Поради тоа, понекогаш овој период се именува и како "кумранов хебрејски период". Империското арамејско писмо од 3 век п.н.е. се развило во современото хебрејско квадратно писмо.
  • мишнајски хебрејски јазик - историски период на хебрејскиот јазик од 3 или 4 век. Овој период се совпаѓа со римскиот период и падот на Храмот во Ерусалим. Периодот е претставен од делата Мишна и Тосефта од Талмудот, како и од Свитоците од Мртвото Море. Периодот исто така е познат како "танајски период" или "ранорабински хебрејски".

Понекогаш, гореспоменатите развојни фази на јазикот се сместуваат во "библискиот хебрејски", вклучително и дијалектите од 10 век п.н.е. па до 2 век, како и мишнајскиот хебрејски, вклучувајќи ги дијалектите од 3 век п.н.е. па до 3 век. Како и да е, денес, повеќето хебрејски јазичари ги класифицираат дијалектите од Свитоците од Мртвото Море како дијалектна група која се развила од доцниот библиски хебрејски јазик во минајскиот хебрејски, па така вклучувале елементи и од двете фази но сепак ја задржале својата посебност и одделност. Со почетокот на византискиот период во 4 век, класичниот хебрејски престанал да се употребува како секојдневен јазик за општење, односно грубо кажано еден век по објавувањето на Мишна. Ова е делумно како директна последица на Востанието на Бар Кохба во 135 година и катастрофалниот прогон од терор врз еврејското население од страна на Римското Царство.

                                     

2.3. Историја Падот на хебрејскиот

Во околу 6 век п.н.е. Нововавилонското Царство го освоило древното Јудејско Кралство. При тоа освојување голем дел од Ерусалим бил уништен и како последица на тоа населението пребегнало источно од Вавилон. За време на Вавилонското ропство, голем дел од Израелитите го изучиле арамејскиот јазик, кој пак бил нивен сроден јазик. Така, еден значаен период еврејската елита потпаднала под големо влијание на арамејскиот.

Откако Кир Велики го освоил Вавилон, тој им дозволил на Евреите да излезат од ропството. Како последица на тоа, во Израелската Земја покрај хебрејскиот била донесена и нова верзија дијалект на арамејскиот. До почетокот на новата ера, арамејскиот се воспоставил како првенствен секојдневен јазик на Самарија, Вавилон и Галилеја. Во Галилеја се зборувала рабинската форма на хебрејскиот до некаде 3 век од нашата ера. Луѓето, Евреите, се идентификувале со хебрејскиот преку негување на разни песни, поговорки и цитати од хебрејски текстови, а рабините и свештенството го користеле како свет јазик на јудаизмот.

Иако не постојат двоумења за тоа дека во одреден период од историјата хебрејскиот престанал да се користи како секојдневен јазик и негов наследник како општ јазик на Блискиот Исток се јавил арамејскиот, научните мислења за точниот датум сè уште не се поместени. Во првата половина на 20 век, повеќето научници ги следеле Гајгер и Далман и нивното тврдење дека арамејскиот јазик станал секојдневен јазик во Израелската Земја уште во почетокот на израелскиот хеленистички период во 4 век п.н.е. Со тоа, хебрејскиот ја изгубил функцијата на секојдневен јазик во тој временски период.

Сегал, Клауснер и Бен Јехуда не се согласуваат со ова општо мислење за изумирање на хебрејскиот. За време на втората половина на 20 век, насобраните археолошки докази и особено јазичните анализи на Свитоците од Мртвото Море го оспориле ова тврдење. Свитоците всушност откриле древен еврејски текст, кој во најголем дел бил на хебрејски, а не на арамејски. Свитоците потврдиле дека јазикот или хебрејскиот кој бил употребуван за свитоците бил разбирлив и читлив за еден просечен Израелит и пишаниот јазик еволуирал од библиското време како што еволуирал говорниот јазик. Скорешните истражувања од ова поле исто така потврдуваат дека Евреите зборувале и арамејски, што пак индицира постоење на повеќејазично општество, што значи дека немало ексклузивитет на еден јазик. Така се верува дека хебрејскиот постоел и се користел паралелно со арамејскиот. Повеќето научници го датираат изумирањето на хебрејскиот јазик со крајот на римската покраина Јудеја, односно 200 година. Сепак тоа изумирање важело за говорниот јазик. Пишаниот хебрејски продолжил и понатака да биде литургиски и свет јазик за јудаизмот.

Точните меѓусебни врски на доминантните јазици во регионот се сè уште жешка тема на дебата. Во овој римски период и периодот пред и после него се предлага сценарио со три јазика за Галилеја. Хебрејскиот јазик бил мајчин јазик на Евреите и силна врска со историјата, потеклото и златното доба на Израел. Арамејскиот имал функција на административен и меѓународен јазик или "лингва франка" за Блискиот Исток. Во меѓувреме навлегле и други јазици, помали, но и европски како што е старогрчкиот. Така, полека и старогрчкиот, заедно со латинскиот, станал јазик за меѓународна комуникација, но не со толкав подем како арамејскиот во своето златно доба.

Според одреден број јазичари, меѓу кои и Сполски, можеби постоело и географско распоредување на јазиците на почетокот на нашата ера. Така, според оваа теорија, јудео-арамејскиот воглавно се користел во северниот дел од Галилеја, старогрчкиот се користел во териториите кои биле поранешни нивни колонии, а хебрејскиот се користел воглавно во јужните села на Јудеја. Со други зборови, тогашната територија на Палестина можела да се подели на арамејско-говорна Самарија и Галилеја и мали делови на Јудеја каде се зборувал мишнајскиот хебрејски. По задушувањето на Востанието на Бар Кохба во 2 век, Јудејците биле прогонети. Голем дел се преселиле во Галилеја па така се верува дека последните говорници на хебрејски би можеле да се најдат на север во Израелската Земја.

                                     

2.4. Историја Мишнајски период

Поимот "мишнајски хебрејски јазик" или "мишнајски период" често се употребува за хебрејските дијалекти кои се користат во Талмуд, освен за директните цитати од Еврејската Библија. Овие дијалекти се делат на две групи, односно: мишнајски хебрејски ранотрабински хебрејски или танаимски кој е говорниот јазик и амораимски хебрејски доцнорабински хебрејски кој е всушност пишаниот јазик. Најраните делови на Талмудот се мишнајски и биле напишани во 200 година, иако голем дел од самите приказни се одвиваат многу порано. Овој дијалект или форма на хебрејски се наоѓа и во свитоците од Мртвото Море. Денес понекогаш се смета дека мишнајскиот е еден од дијалектите на класичниот хебрејски кој функционирал како жив јазик во Израелската Земја. Транзициона форма на јазикот настанала во другите дена на танаимската книжевност, кои датираат еден век пред Мишнах. Овие дела се Мидраш халаха, Мидраш и проширената колекција на материјали поврзани со Мишнах познати како Тосефта. Талмудот содржи исечоци од овие дела.

Еден век откако се објавила Мишна, мишнајскиот хебрејски престанал да се користи како говорен јазик. Така, подоцнежната секција на Талмудот позната како Гемара дава општи коментари за Мишнах и Бараитот на арамејски. Како и да е, хебрејскиот, иако не се користел за секојдневна комуникација, преживеал како литургиски и книжевен јазик во форма на амроаимски хебрејски. Бидејќи уште времето кога се препишувала Тората, јазикот имал висока функција и се сметал за јазик на израелската вера, историја и национална гордост. Дури и кога престанал да се користи како секојдневен јазик, сепак јазикот се користел како "лингва франка" меѓу еврејските трговци од различни земи.



                                     

2.5. Историја Средновековен период

По Талмудот, различни регионални книжевни варијанти се појавиле на средновековниот хебрејски. Најважен од нив е тиберискиот хебрејски јазик, или нарекуван и како масоретски хебрејски, книжевна форма која се развила на локалниот тибериски дијалект. Овој дијалект станал стандард за вокализирање на Еврејската Библија и така сè уште влијае врз другите регионални дијалекти на хебрејскиот. Овој тибериски дијалект од 7 до 10 век е понекогаш нарекуван "библиски хебрејски", но сепак не е исто и треба да се разликува од историскиот древен јазик од 6 в.п.н.е. Тиберискиот хебрејски го вклучува и изучувањето на Масоретите, вклучително и нивните надредни знаци никуд и кантилацијата граматички точки на хебрејските букви за да се зачува многу порани карактеристики на хебрејскиот во однос на пеењето на Библијата. Масоретите сметале дека буквите од хебрејската азбука се многу свети и дека нивна модификација не е можна, па поради тоа тие создале систем на точки кои се користеле за означување на самогласките во дадените зборови. Паралелно во тоа време и сириското писмо развило систем на точки за означување на самогласките. Кодексот од Алеп е напишан на овој нов принцип и датира од 10 век. Тој е еден од најважните хебрејски ракописи денес.

За време на златното доба на еврејската култура во Шпанија, значајни дела биле напишани од граматичари кои ја објасниле граматиката, но и зборовите, на библискито хебрејски. Значајни хебрејски граматичари биле Џуда бен Давид Хајуи, Џуда ибн Џанах, Абрахам ибн Езра и Давид Кимхи. Покрај нив, се појавиле и значајни поети како што се на пример Дунаш бен Лабрат, Соломон ибн Габирол, Џуда хе-Леви, Мосес ибн Езра и Абрахам ибн Езра.

Хебрејскиот бил зачуван низ вековите како пишан јазик за пишана комуникација на еврејската заедница во светот. Оваа пишана комуникација не се однесува само на литургијата, туку и за поезија, проза, трговија, секодневен контакт и договори. Така, Евре ите од целиот свет и од различни земји имале заеднички јазик за комуникација и општење. Ова било слично со Христијаните од тој период, односно заеднички јазик на образованите Христијани и свештеници бил латинскиот.

                                     

2.6. Историја Оживување

Хебрејскиот бил оживеан како книжевен јазик неколкупати во својата историја, а најзначајно е оживувањето како книжевен јазик за време на преродбата позната како хаскалах во средината на 19 век во Германија. Кон крајот на векот еврејскиот активист Елиезер Бен Јехуда, предводен од идеологијата на национална преродба שיבת ציון, шиват цијон, денес позната како ционизам, започнал со оживување на хебрејскиот како современ говорен јазик. Како резултат на локалното движење кое тој го создал, но повеќе како последица на новите групи имигранти познати под името "Втор Алијах", хебрејскиот ги заменил јазиците кои претходно ги зборувале тие луѓе. Тие јазици биле всушност еврејски дијалекти на јазиците на државата каде живееле, од кои денес познати се ладино, јидиш, јудео-арапски и бухориски.

Главниот резултат на книжевната работа на хебрејските интелектуалци во 19 век била лексичката модернизација на хебрејскиот. Нови зборови и изрази биле присвоени како неологизми од различниот корпус на хебрејски писанија, или преку позајмување од арапскиот воглавно од страна на Елиезер Бен Јехуда, како и постари арамејски и латински зборови. Забележливо е и влијанието на европските јазици, особено од англискиот, рускиот, германскиот и францускиот. Современиот хебрејски станал службен јазик на британскиот мандат Палестина во 1921 година, покрај арапскиот и англискиот. По прогласувањето на независноста на Израел, новокодифицираниот хебрејски бил прогласен за службен јазик на државата. Денес, хебрејскиот го зборуваат 10 милиони луѓе и е главно средство за комуникација во државата.

Хебрејската книжевна форма во 19 век оживеала и станала говорна форма на јазикот и денес се нарекува со повеќе имиња, покрај основиот хебрејски јазик: современ израелски хебрејски, израелски хебрејски, новохебрејски, стандарден хебрејски или стандарден израелски хебрејски. Оваа стандардна форма изразува карактеристики на сефардскиот хебрејски од локалните ерусалимски традиции, но со присвојување на голем број неологизми.

Книжевната и расказната употреба на хебрејскиот била оживеана на почетокот на движењето хаскалах. Првиот секуларен месечник на хебрејски, "Меасефим" Собирач, бил објавен во Калининград во 1783. Во средината на 19 век се зголемил бројот на списанија објавени на хебрејски јазик низ Европа. Исто така се зголемил и бројот на автори на хебрејски јазик, како што се на пример познатите Хајим Нахман Биалик и Шаул Черниховски.

Додека постоел пишаниот книжевен јазик, говорниот активен секојдневен хебрејски не постоел. Оживувањето на хебрејскиот како прв, мајчин, јазик на Евреите започнало во 19 век со подвизите на Елиезер Бен Јехуда. Тој се приклучил кон Ционизмот и во 1881 година се преселил во тогашната покраина Палестина, дел од Отоманското Царство. Мотивиран од идеите за обнова и отфрлување на животниот стил на дијаспората, Јехуда решил да постави алатки сè со цел книжевниот и свет јазик да го претвори во секојдневен јазик за комуникација. Сепак, неговиот стил следел норми кои биле заменети во Источна Европа со други граматички стилови. Неговите обиди да воспостави училишта и учебници полека земале замав и прифаќање од еврејската заедница. Како и да е, дури во периодот од 1904 до 1914 година, период познат како Втор Алијах, хебрејскиот го зазел вистинскиот моментум кога се појавиле поорганизирани организации на имигранти и ја разработувале идејата. Кога британскиот мандат Палестина го прифатила новиот основан хебрејски како службен јазик во регионот, тоа значително помогнало во етаблирањето на јазикот меѓу населението.

Голем број на Евреи на почетокот го сметале ова оживување како "грев" сметајќи дека јаизкот на Тората не смее да се користи за секојдневни цели. Сепак, луѓето набрзо сфатиле дека Евреите во Израел имаат потреба од еден заеднички јазик, бидејќи Евреите доаѓале од различни земји од светот и зборувале на јазиците на државите од каде доаѓале. Набрзо бил основан Комитет за хебрејски јазик, кој по озновањето на Израел се преименувал во Академија на хебрејскиот јазик. Работата на Бен Јехуди била објавена во речник насловен како "Целосен речник на стар и современ хебрејски". Така, од мртов јазик со ниту еден активен говорник, хебрејскиот станал мајчин јазик на околу 10 милиони Евреи во светот. Ова е единствен успешен и добро познат пример на јазично оживување во светот.

                                     

3. Современ хебрејски јазик

Современиот хебрејски, како што бил разработен од Елиезер Бен-Јехуда, бил заснован на мишнајскиот правопис и сефардски хебрејски изгвоор. Сепак, за најраните говорници на современиот хебрејски мајчин јазик им бил јидиш и со тоа вовеле идиоми и зборовен фонд од јидиш.

Изговорот на современиот хебрејски јазик е воглавно заснован на сефардскиот хебрејски јазик. Во одредени аспекти има и фонолошки црти од ашкенашкиот хебрејски јазик, особено во:

  • отстапување при акцентирање на имиња и мал број зборови
  • замена на ר /r/ од во одредени контексти
  • делимна елиминација на шва ְ зман наместо сефардското земан
  • елиминација на голтничката артикулација кај буквите хет ח и ајин ע

Зборовниот фонд кој се користи во хебрејскиот бил променет за разлика од оригиналната форма најмногу поради воведувањето на јазикот на луѓе со различни културни позадини. Усниот пренос на зборовите од генерација на генерација подлегнал на европеизација. Специјализираните училишта за хебрејски јазик во Израел се нарекуваат улпан.

                                     

4. Статус

Современиот хебрејски е национален јазик во Израел каде е и официјален. Според податоците од 2013 година, има околу 9 милиони луѓе што зборуваат хебрејски во светот, од кои 7 милиони го зборуваат течно.

Моментално, околу 90% од израелските Евреи зборуваат течно хебрејски, околу 70% многу течно. Околу 60% од израелските Арапи течно зборуваат хебрејски, а само 30% претпочитаат да зборуваат хебрејски одошто арапски. Сепак, хебрејскиот е мајчин јазик за само 49% од Израелците над 20 годишна старост, за останатите мајчин јазик им е рускиот, арапскиот, шпанскиот, францускиот, англискиот или јидиш. Околу 26% од руските имигранти и 12% од Арапите не зборуваат убаво хебрејски.

Поради глобализацијата и американизацијата во светот, во Израел се преземаат соодветни мерки за да се зачува чистотата на јазикот и да се заштити од навлегување на англиски зборови. Академијата за хебрејскиот јазик при Хебрејскиот Универзитет во Ерусалим во последниов период изумува по 2.000 нови хебрејски зборови секоја година, кои би замениле современи зборови, а кои пак се засноваат на стари хебрејски. Тие би биле замена за интернационализмите. Општината Хаифа забранила да се користат англиски зборови при официјална документација и преписка. Исто така, општината забранила на трговците да користат само англиски при нивните маркетиншки потези. Хебрејскиот е признат малцински јазик во Полска.



                                     

5. Правопис

Хебрејскиот се пишува од десно кон лево со хебрејското писмо. Како и останатите самогласни писма абџад, не се пишуваат самогласките. Сепак, поради различни причини, понекагаш треба да се бележат и самогласките. Токму поради таа потреба денес има три начина да се запишат хебрејските зборови:

  • ктив менукад "пишување со точки" или "самогласно пишување": овој систел на пушување покажува точно каде самогласките се наоѓаат во зборот со помош на систем на точки наречен никуд. Ретко се користи во секојдневниот живот, најчесто се користи за да се дообјасни некој двосмилен збор, во книги за деца, книги со инструкции за странци и сл.
  • ктив хасар никуд "целосно пишување" или "пишување кое нема никуд": ова е доминантен начин за пишување на хебрејскиот и се користи во секојдневието на Израел. Овој начин користи согласки кои имаат второстепено значење на самогласки матрес лекционис.
  • ктив хасар "пишување што недостасува": ова дефективно писмо начин на пишување може да се пронајде во Тората. Понекогаш може да се смета како анахронизам за секојдневниот живот, иако сè уште може да се пронајде низ весници и објавени книги. Ова е оригиналниот начин на пишување на хебрејскиот и нема никакви бележења за самогласки.
                                     

5.1. Правопис Писмо

Хебрејскиот јазик се пишува со хебрејската азбука. Јазикот се пишува од десно кон лево. Хебрејската азбука всушност е согласно писмо абџад и има 22 букви. Древното палео-хебрејско писмо било слична со тоа за хананскиот и за феникискиот јазик. Современото писмо е засновано на букви кои налукуваат на коцки, познати како "ашурит" асирски, и потекнуваат од арамејското писмо. За рачно пишување се користи ракописно хебрејско писмо, каде буквите се покружни и поразлични одошто печатените форми. Ракописното писмо се заснова на едно постаро ракописно писмо кое се нарекува рашиево писмо. Бидејќи писмото е согласно, само се користат согласките при пишување, самогласките не се пишуваат и треба да се знаат на памет каде се при изговорот. Сепак, ако треба и тие да се запишат, тие се означени со систем на точки кои се ставаат на согласката со која прават слог, или пак преку употреба на букви кои основно означуваат согласка, а второстепено самогласка, кое пак е познато како "мајка на читањето" или matres lectionis. Покрај надредните знаци за самогласките, во јазикот се користат надредни знаци за да се означи како точно се изговара самогласката, односно дали е с или ш, б или в итн.

                                     

6. Граматика

Хебрејската граматика е делумно аналитичка, односно во јазикот има одредени падежни форми на дативот, аблативот и акузативот, но со користење на предлози, а не чисти падежи. Сепак, зборообразувањето игра значајна улога при создавање нови глаголи и именки.

                                     

6.1. Граматика Фонологија

Современиот хебрејски јазик е фонетички поедноставен од библискиот хебрејски јазик бидејќи има помалку фонеми. Сепак јазикот е фонолошки посложен, односно има од 25 до 27 согласки во зависност од тоа дали се изговараат грлените гласови и од 8 до 10 самогласки во зависност од тоа дали се сметаат дифтонзите.

Согласки

Следната табела дава преглед на хебрејските согласки:

1 Во современиот хебрејски /ħ/ за буквата ח е заменета со /x~χ, која пак традиционално била за буквата כ. 2 Грлените согласки воглавно не се изговараат во неакцентирани слогови, но ако се изговараат се изговараат само во формален внимателен говор. Во современиот хебрејски /ʕ/ за ע била заменета со /ʔ/ која пак традиционално била за буквата א. 3 Често се препишува како /r/. Оваа често се изговара ако меконепчана струјна кога не е акцентирано. Во јазикот има и два дифтонга /aj/ ај и /ej/ еј.

Кај повеќето од зборовите во хебрејскиот акцентот паѓа на еден од двата последни слога во зборот, а најечест е акцентот на последниот слог.

                                     

6.2. Граматика Морфологија

Како и сите семитски јазици, така и хебрејскиот има коренски форми кои се типишно трилитерални, или составен од 3 согласки но постојат и корени од по 4 согласки. Од овие корени се создаваат именки, придавки и глаголи. Преку внетнување самогласки, удвојување на согласките и со додавање на афикси се создаваат новите зборови.

Хебрејскиот јазик користи бројни претставки од по една буква кои се користат за различни цели. Тие се нарекуваат "неразделни препозоции" или "корисни букви" אותיות השימוש, Otiyot HaShimush. Такви се на пример членот ha- /ha/ определен член; be- /bə/ ="во", le- /lə/ ="до", mi- /mi/ ="од"; кратка форма на min; ve- /və/ ="и", she- /ʃe/ ="дека", ke- /kə/ ="како", итн.

                                     

6.3. Граматика Придавки

Придавките во хебрејскиот јазик доаѓаат по именката и се менуваат по род, број и определеност:

  • סֵפֶר קָטָן /ˈsefer kaˈtan / мала книга
  • בֻּבָּה קְטַנָּה /buˈba kətaˈna / мала кукла
  • בֻּבּוֹת קְטַנּוֹת /buˈbot kətaˈnot / мали кукли
  • סְפָרִים קְטַנִּים /səfaˈrim kətaˈnim / мали книги

Придавките кои завршуваат на -i имаат малку поразлична форма:

  • נָשִׁים מְקוֹמִיּוֹת /naˈʃim məkomiˈjot / локални жени
  • אִישׁ מְקוֹמִי /ʔiʃ məkoˈmi / локален маж
  • אֲנָשִׁים מְקוֹמִיִּים /ʔanaˈʃim məkomiˈjim / локални мажи
  • אִשָּׁה מְקוֹמִית /ʔiˈʃa məkoˈmit / локална жена

Именките од машки род кои имаат женски наставки за множина /-ot/ сепак имаат наставки од машки род за придавки во множина, пр. מְקוֹמוֹת יָפִים /məkoˈmot jaˈfim / убави места. Ова важи за истиот процес за именки од женски род кои завршуваат на /-im, пр. מִלִּים אֲרֻכּוֹת /miˈlim ʔaruˈkot/ долги зборови.

Голем број од придавките во хебрејскиот потекнуваат од сегашната форма на глаголите. Овие придавки се менуваат исто како глаголите од кои потекнуваат:

  • סוֹעֵר /soˈʕer/ бурно, paʕal → סוֹעֶרֶת /soˈʕeret, סוֹעֲרִים /soʕaˈrim, סוֹעֲרוֹת /soʕaˈrot/
  • מַרְשִׁים /marˈʃim/ импресивно, hifʕil → מַרְשִׁימָה /marʃiˈma, מַרְשִׁימִים /marʃiˈmim, מַרְשִׁימוֹת /marʃiˈmot/
  • מְנֻתָּק /menuˈtak/ отуѓено, puʕal → מְנֻתֶּקֶת /menuˈteket, מְנֻתָּקִים /menutaˈkim, מְנֻתָּקוֹת /menutaˈkot/
                                     

6.4. Граматика Предлози

Како и македонскиот и англискиот, така и хебрејскиот е јазик со важна улога на предлозите. Јазикот има поголем број предлози. Сепак, неколкуте од најважните хебрејски предлози не се посебни зборови во реченицата, туку се претставки. Така на пример, предлогот "во" во фразата "во собата" на хебрејски е בַּחֶדֶר / b a-ˈħeder/.

Предлогот אֶת /ʔet/ има важна улога во хебрејската граматика. Негова најчеста употреба е да го претстави директниот предмет. Така на пример, реченицата "Јас ја гледам книгата" на хебрејски е אֲנִי רוֹאֶה אֶת הַסֵּפֶר /ʔaˈni roˈʔe ʔet ha-ˈsefer/ буквално Јас гледам /ʔet/ книга-та. Сепак, אֶת /ʔet/ се користи само со семантички "определен" директен предмет, како што се именки со определен член, лични имиња и лични заменки. За семантички "неопределени" предмет едноставно не се користи, како на пример во אֲנִי רוֹאֶה סֵפֶר ʔani roʔe sefer Јас гледам книга. На македонски нема таков предлог, а може да се именува како "предметен предлог".

Предлогот אֶת /ʔet/ исто така има бројни специјални употреби. На пример, кога придавката צָרִיךְ /t͡saˈriχ/ нужен од) зема определена именка, тогаш се користи предлогот אֶת /ʔet/: הָיִיתִי צָרִיךְ אֶת זֶה /haˈjiti t͡saˈriχ ʔet ze/ буквално Јас-имав нужда-од /ʔet/ ова, односно Ми треба ова. Како и претходно кажаното, אֶת /ʔet/ се испушта ако има неопределена именка: הָיוּ צְרִיכִים יוֹתֵר /haˈju t͡səriˈχim joˈter/ буквално тие-имаа нужда-од-повеќе, односно Нив им требаше повеќе. Ова е поврзано со глаголскиот вид со кој се користи придавката.

Кај индиректниот предмет има потреба од предлог. За тоа кој предлог ќе се користи зависи од глаголот. За нив треба да се има добро познавање или да се ослони кон соодветна литература. Хебрејската граматика разликува различни видови индиректни предмети, во зависност од тоа што се определува. Така, има временски предмет תֵּאוּר זְמַן /teˈʔur zəman, предмет за место תֵּאוּר מָקוֹם /teʔur maˈkom, премет за причина תֵּאוּר סִבָּה /teˈʔur siˈba/ и многу други.

                                     

6.5. Граматика Прилози

Некои придавки во хебрејскиот имаат и функција на прилози, со иста форма и изговор. Ако придавката е прилог, тогаш таа е во машки род еднина:

  • חָזָק /ħaˈzak/ силен или силно
  • בָּרוּר /baˈrur/ јасен или јасно

Во други случаи, прилогот има посебна форма:

  • לְאַט /ləʔat/ споро ; од придавката אִטִּי /iˈti, споро
  • הֵיטֵב /heˈtev/ добро ; од придавката טוֹב /tov, добро
  • מַהֵר /maˈher/ брзо ; од придавката מָהִיר /maˈhir, брз

Трет случај е кога прилогот произлегува од придавка, користејќи ја формата за женски род единина поетски стил или женски род множина:

  • אוֹטוֹמָטִית /otoˈmatit/ автоматски
  • קַלּוֹת /kaˈlot/ лесно

Сепак, повеќето прилози не се совпаѓаат со придавките, туку имаат "прилозни фрази" кои се создаваат на еден од следниве начини:

  • בַּעֲדִינוּת /ba-ʕadiˈnut/ "во финост": фино
  • בִּזְהִירוּת /bi-zhiˈrut/ "во грижа": грижливо
  • користејќи ja прилошката претставка ב /be-/ во со соодветната апстрактна именка на придавката
  • користејќи ja истata претставка, но со именката אֹפֶן /ˈʔofen/ начин и така ја модифицира именката со формата на придавката во машки род еднина
  • בְּאֹפֶן אִטִּי /bəˈʔofen ʔiˈti/ "на спор начин": споро.
  • слично, но со именката צוּרָה /t͡suˈra/ како/форма, и користејќу ја формата на придавката во женски род еднина
  • בְּצוּרָה אָפְיָנִית /bə-t͡suˈra ʔofjaˈnit/ "во карактеристична форма": карактеристично.

Употребата на еден од начините не значи дека ги исклучува и другите начини. Еден прилог може да се направи со повеќе начини. Како и во англискиот, така и во хебрејскиот има прилози кои не се совпаѓаат со соодветната придавка:

  • לָכֵן /laˈχen/ така што
  • כָּכָה /ˈkaχa/ така
                                     

6.6. Граматика Синтакса

Секој хебрејски збор мора да содржи најмалку еден подмет, еден прирок, а другите елементи се незадолжителни. Зборовниот ред на современиот хебрејски е случен со македонскиот и ангискиот на пример,односно подмет-прирок-предмет, за разлика од библискиот хебрејски кој имал зборовен редослед прирок-подмет-предмет. Современиот хебрејски е окарактеризиран по асиметријата помеѓу определениот предмет и неопределениот предмет. Во јазикот има акузативен бележник "ет", само пред определен предмет повеќето се определени именки и лични имиња. "Ет" и "ха" во скоро време се во процес на спојување и има тежнеење да станат "та". Останати синтаксни карактеристики на хебрејскиот се:

  • во јазикот нема збор кој би се претпоставило дека доаѓа пред секоја именка во еднина како на пример членот.
  • повеќето од хебрејските реченици имаат неколку точни зборовни редоследи. Може да се променат местата на зборовите и пак да се добие истото значење, слично како македонскиот.
  • речениците во хебрејскиот може да не вклучат глаголи, глаголот "сум" може да биде избришан во сегашно време.
                                     

7. Книжевност

Хебрејската книжевност се состои од антички, средновековни и модерни ракописи на хебрејски јазик. Меѓу другите, најпознато дело од оваа литература е Хебрејската Библија Танак.

Поголемиот дел од еврејската религиозна литература е напишана на хебрејски. Мишната е основната рабинска кодификација на закони доведени од Тората. Еврејските богослужби се собрани во книги на хебрејски највеќе од Амрам Гаон и Садија Гаон. Образложенија од Тора од Абрахан ибн Езра до Раши и слични такви дела се напишани на хебрејски. Такви се и кодификациите на еверјските закони, како на пример Шулчан Аруч.

Овие дела од хебрејската литература доста пати биле комбинирани или зголемувани со додавање на додатна литература на јазик кој им бил повеќе познат на Евреиите во тоа време. Гемарата била додена како арамејско-јазично образложенија на Мишна како состаен дел од Талмудот. Некои од традиционалните еврејски молитвеници се на арамејски. Некои важни дела од средновековната филозофија, како Водич за вчудовидените, биле всушност напишани на арапски.

                                     

8.1. Зборовен фонд Броеви

Хебрејските броеви се квази децимален азбучен броен систем кој користи букви од хебрејската азбука. Системот би преземен од грчките броеви при крајот на 2 век п.н.е. и истиот е познат под името еврејски азбучни броеви за да се разликува од претходните системи на запишување кои се користеле во класичната антика. Овие системи биле наследени од арамејските и феникиските записи од околу 800 година п.н.е. во т.н. Самариски остракони и понекогаш познати како хебрејско-арамејски броеви, кои се пак добиени од египетските броеви.

Грчкиот систем бил усвоен преку хеленистичкиот јудаизам и истиот систем се користел во стара грција уште од V век п.н.е.

Во овој систем, не постои ознака за нулата, и бројните вредности за поединечните букви се додадени една кон друга. На секоја единица 1, 2., 9 и се назначува одделно буква, за секоја 10, 20., 90 исто така се назначува посебна буква, и за првите четири стотки 100, 200, 300, 400 се назначува посебна буква. Останатите стотки 500, 600, 700, 800 и 900 се претставени како збир од две или три букви кои се користат за првите четири стотки. За да се претстават броевите од 1.000 до 999.999, истите букви се искористени за да служат како илјадарки десетици илјади и стотици илјади. Гематријата еврејска нумерологија ги користи обемно овие преобразби.

Денес во Израел, се користи децималниот систем од арапски броеви 0, 1, 2, 3итн. во сите случаи. Хебрејските броеви се користат само во специјални случаи, како на пример кога се користат еврејскиот календар, или означување на подреденост на спискок слично на a, b, c, dитн., и на наќин како што се користат римските броеви на запад.

                                     

8.2. Зборовен фонд Позајмени зборови

Современиот хебрејски јазик има голем број позајмени зборови од различни јазици, како што е случај и со повеќето јазици во светот. Голем дел од позајмените зборови се од арапскиот, арамејскиот, јидиш, ладино, германскиот, рускиот, англискиот, полскиот и други помали јазици. Современиот хебрејски зачувал голем број древни хебрејски зборови, кои пак во тогашно време биле позајмени од околните древни јазици акадски, арамејски. Некои типични позајмени зборови во хебрејскиот се:

Белешки
                                     

9. Надворешни врски

Регулаторни органи
  • "Магарим" – историски речнички проект за хебрејскиот јазик, Академија на хебрејскиот јазик
  • Хебрејски фрази, Министерство за туризам на Израел
  • Академија на хебрејскиот јазик
Општи информации
  • Хебрејски јазик на страницата на "Еврејската Енциклопедија".
  • Хебрејски јазик - Проект "Отворен директориум" англиски
  • "Кратка историја на хебрејскиот јазик", Хаим Менахем Рабин
  • Водич за хебрејскиот јазик на BBC Online
  • Хебрејскиот јазик на страницата на "Еврејската виртуелна библиотека".
Изучувачки материјали
  • Морфикс, сèмрежен речник.
  • Основен курс за хебрејски од "Институтот за странски услуги".
  • Хебрејски за 21 век, сèмрежен улпан.
  • Хебрејскиот јазик на страницата на "Колеџот за либерални уметности на Универзитетот во Тексас во Остин.
                                     
  • Ашкенашкиот хебрејски јазик - јазик кој спаѓа во групата на семитски јазици и во подгрупата на хебрејскиот јазик Оваој облик на хебрејскиот јазик попаднал
  • 2001, p. 492. Портал: Јазик Македонска транскрипција на арапскиот јазик Арапи Семитски јазици Хебрејски јазик Арапски јазик на Ethnologue англиски
  • овој период започнува со средновековниот хебрејски па сè до неговото повторно оживувањето како секојдневен јазик на општење во доцниот 19 век. Во јули 2008
  • хебрејски јазик Мишнајски хебрејски јазик Средновековен хебрејски јазик Мизрашки хебрејски јазик Јеменски хебрејски јазик Сефардски хебрејски јазик
  • Јудеоарамејски јазик - збирен поим за неколку јазици што се под влијание на хебрејски јазик како на пример арамејски јазик и новоарамејски јазик Овој јазик спаѓа
  • писмо алеф - бет, на хебрејски א ל ף - ב ית ע ב ר י алефбет иври - азбука од 22 букви и се користи за пишување на хебрејскиот јазик Пет од овие букви
  • современиот израелскиот хебрејски јазик За попотполна верзија, видете Фонологија на хебрејскиот јазик Предлошка: Hebrew language Хебрејски јазик Хебрејска азбука
  • населението кое живеело во Моав во денешен Јордан во V век п.н.е. Се претпоставува дека овој јазик бил многу близок или сличен на библискиот хебрејски
  • следниве подгрупи: Северни феникиски јазик Јужни хебрејски јазик заедно со неговите дијалекти: библиски хебрејски моапски, амонитски и едомитски Останати

Users also searched:

...
...
...